Владиниот дел од акциите во Македонски Телеком можe да одат на продажба. Дали за оваа тема е разговарано во владиниот кабинет, нема информации. Продажбата на акциите ќе зависи од тоа колку ќе потрае пандемијата. Парите од продажбата на државниот дел во Македонски телеком, кој изнесува 34,8 отсто би се употребиле за пополнување на буџетските дупки и ублажување на финансиските последици од коронакризата.
За можно приватизирање на одредени компании проговори и премиерот Зоран Заев. Најави дека освен Македонски пошти, приватизација би можела да има и на други јавни претријатија, иако Македонски телеком не го спомна.
„Јавното приватно партнерство ќе биде една од преокупациите на владата. А едни од таквите институции за кои што секако размислуваме се ТЕЦ Неготино,македонски Железници,Транспорт, Европкомпозит, Колска од Велес и некои други институции“, рече Заев.
Други владини извори, кои ги контактираше Тв21 велат дека во моментов одлука за продажба на Македонски телеком нема, бидејќи оваа компанија е од стратешки интерес на државата. Истите извори велат декаликвидноста на пазарот е добра и простор од ново задолжување засега нема, како што нема простор и за продавање на државните акции во оваа компанија.
За можната заинтересираност од страна на Дојче телеком велат дека компанијата има други приоритети во регионот особено со пазарот и воспоставување на 5G мрежата.
Државата поради состојбата во македонската економија нема широки можности за задолжување надвор, затоа Буџетската дупка ќе ја полни со пари од општествен капитал велат економистите. Некои од нив ваквата најава ја оценуваат како несериозна и велат дека со 300 милиони евра колку што би добила од продажбата на уделот во Македонски телеком, Владата може да покрие само минимален дел од потребите. Грешката е направена во старт при продажбата на компанијата, велат економистите кои ги консултиравме. Тие сугерираат дека од самиот старт на приватизација на компанијата Владата не смеела да дозволи сопственост толкав мал процент акции . Инаку приватизацијата на компанијата се случи на 15 јануари 2001 година.
