Парламентарното мнозинство во моментов брои 64 пратеници, но се чини дека не е толку стабилно. Според последните случувања, двајца пратеници на ДУИ, Изет Меџити и Мерита Коџаџику, не се задоволни од владеењето на партијата. Пратеникот на Алтернатива, Скендер Реџепи-Зејди, кој исто така поради незадоволство во партијата на Гаши, ја напушти пратеничката група на Алтернатива и сега настапува сам, слично како Кастриот Реџепи од Беса, кој за разлика од Зејди беше отстранет од партијата бидејќи тој ги остави на “цедило“ со „исчезнувањето“ на денот кога беше потребен неговиот глас за рушење на Владата.
Имајќи ги предвид сите овие движења, политичкиот аналитичар Петар Арсовски вели дека е неопходна нова енергија, или некоја нова реформа во партиите.
Незадоволство има и во СДСМ. Се зборува и за промени на министрите кои доаѓаат од редовите на оваа партија. Пратеникот на социјалдемократите Диме Велковски, според неофицијални извори, одамна не се појавил во Собранието поради францускиот предлог. Велковски е единствениот пратеник на СДСМ кој не гласаше за поддршка на овој предлог.
Според Арсовски, не може да се исклучи можноста за предвремени парламентарни избори, додека парламентарното мнозинство ќе го чека најтешкиот тест пролетта 2023 година.
Во меѓувреме, и пратеникот и прв човек на Демократски сојуз, Павле Трајанов, неколку пати се закануваа дека ќе ја напушти Владата поради незадоволство од измените на изборниот законик и поради францускиот предлог.
