Неверојатно, но вистинито, се случува во Кичево – пред 37 години почна изградба на болница, но сè уште не е завршена

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Не е за верување, но за жал вистина е. Болницата која во Кичево почна да се гради пред речиси 40 години, сѐ уште не е довршена.

„Се наоѓаме во објектот на новата болница во Кичево, која почна да се гради пред речиси 40 години. Овој објект неколкупати почнуваше да се гради, но беше оставан во заборав. Стигна до втората фаза од изградбата. Втората фаза ја најави и поранешниот министер за здравство Венко Филипче минатата година кога го посети Кичево, а истото го најавува и сега новиот министер Беким Сали. Останува да видиме дали втората фаза од градежните активности ќе продолжи или ќе почне, па потоа ќе се стопира како вообичаено“, истакна репортерката на ТВ21.

Кон крајот на минатата година започна втората фаза од изградбата на болницата. Беа забележани како се движат камиони, беше отворен канал, беше поставен еден слој изолација околу новата зграда, а беа донесени и неколку цевки. Но, оттогаш не е преземено ништо друго, а каналот и понатаму стои отворен. Министрите се менуваат, но никој од нив не ја истурка оваа работа до крај.

Сега на чело на Министерството за здравство е Беким Сали. Се очекува тој да преземе нешто во однос на изградбата на болницата, која слободно може да влезе во Гинисовата книга на рекорди. Сали вели дека болницата ја гледа како свој предизвик.

„Моите информации велат дека таму се работи, но динамиката на градежните активности не е на потребното ниво. Јас сѐ уште не стигнав да ја посетам таа болница. Секако дека еден од моите приоритети е кичевската болница да ги запали светлата и да профункционира. Секако дека за мене тоа е предизвик“, посочи Беким Сали.

Болницата почна да се гради во 1985 година, но и по речиси 4 децении сѐ уште е само карабина. Секоја година политичките претставници ветуваат дека ќе ја довршат, но Кичево никако да добие нов болнички објект.