Нестабилна воздушна маса зафати повеќе делови од Македонија, носејќи пороен дожд, грмежи, засилен ветер, а на места и суградица. Според најновата информација од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), невремето се движи од северозапад кон југ и југоисток.
Првото невреме било регистрирано во Кичево, каде во попладневните часови имало пороен дожд и грмежи.
Во текот на вечерта, нестабилност се развила во планинските предели северозападно од Скопје, како и во Полошкиот регион, Овче Поле и западно од Струга.
УХМР информира дека невреме со пороен дожд, грмежи и засилен ветер било забележано северно од Штип, во Гостивар и Македонски Брод, при што облачноста се движела од север кон југ.
Подоцна невремето продолжило во Гостивар и северно од Македонски Брод, со движење кон југоисточните делови на земјата.
Од северозапад се приближувала нова нестабилност кон Гевгелија и Кичево, додека слаб до умерен дожд бил регистриран во Скопје, Охрид, Ресен, Македонски Брод и во северозападните делови од земјава.
Според последните мерења на УХМР, невреме со пороен дожд и грмежи имало во Прилеп, Гевгелија, Крушево и Македонски Брод, а врнежи биле присутни и во повеќе западни и централни региони.
Во вечерните часови невремето стигнало и до Ресен, а нова нестабилност со пороен дожд, грмежи и суградица се приближувала кон Преспа и Битола.
Метеоролозите продолжуваат со следење на состојбата, бидејќи локално се можни поинтензивни врнежи, електрични празнења и засилен ветер.
