„Денес е тажен ден во Црна Гора и пошироко. Животите на луѓето се незаменливи и денес изгубивме 10 наши граѓани, меѓу кои и две деца“, вели Зоран Брѓанин.
Цетиње во црно по вчерашната незапамтена трагедија која го обиколи светот.
„34 години, со иницијали В.Б. од градот Цетиње, пукал во семејство кое живеело во неговата куќа како станари во областа Медовина. Во тие моменти со употреба на огнено оружје, ловечка пушка убил две деца, едно на 8 и друго на 11 години и ја повредил нивната мајка која подоцна починала во болница. Потоа излегол од куќата и излегол на улица и продолжил да пука, а додека го правел тоа убил уште 8 лица, а повредени уште 6“, додава Бржанин
Цетиње е седиштето на поранешната кралска Влада на Црна Гора. Жителите не паметат ваква трагедија.
„Случајно денеска бев на местото на настанот, видов што видов. Не можам ни да зборувам за тоа. После ова ќе остане траума. Никој не може да ги врати овие луѓе. Тие деца. Тоа беше нереално, мислам сè уште не можеме да разбереме што се случи овде. Можам само да ги замислам страдањата на семејствата, мислам на целиот град“, порача Младен Задрима.
Премиерот Дритан Абазовиќ рече дека владата прогласува тридневна жалост по трагедијата.
„Ова е незамислива трагедија во Црна Гора. Ги молам граѓаните на Црна Гора да ги задржат семејствата на загинатите во своите мисли, Се молиме сите повредени, особено оние со тешки повреди да преживеат и се да заврши добро за нив“, вели Дритан Абазовиќ.
Пораки за сочувство и од Македонија,
„Сочувство до семејствата и сите кои ги сакаат трагично погинатите во немилиот настан во Црна Гора. Сочувство до црногорскиот народ и мојот драг пријател премиерот Дритан Абазовиќ“, упати Фатмир Битиќи.
Напаѓачот испукал над 100 куршуми, пред да го застрела еден од соседите. Полицијата официјално не ги открива мотивите за овој масакр.
