Министерството за здравство преку различни методи се труди да ги поттикне граѓаните да се имунизираат против Ковид-19. Последните два обида беа – праќање смс порака директно на пациентите од системот „Мој термин“ и караванот за вакцинација.
Претседателката на Здружението на матични лекари, Лилија Чолакова-Дервишова, со критики до здравствените установи во однос на мерката за праќање смс пораки. Вели дека оваа метода предизвикала бројни конфликти меѓу пациентите и лекарите, бидејќи, како што објаснува, има многу пациенти кои поради одредени болести не сакаат да се вакцинираат.
Со цел поттикнување на граѓаните да се вакцинираат, денеска во трговски центар во Скопје беше отворен вакцинален пункт. Граѓаните доаѓаа да пазаруваат, но избегнуваа да се вакцинираат. Малкумина покажаа интерес за имунизација.
Во нашата земја со две дози, што се смета за целосна вакцинација, се имунизирани 41% од вкупното население. Ако минатата година се вакцинираа по околу 13 илјади граѓани на ден, сега за да се достигне оваа бројка потребни се два месеци. Од 16 јануари до 20 март годинава, период од два месеци се имунизирани само 13 илјади граѓани.
