Претседателката на Општинската изборна комисија – Штип, Сенка Андреева информира дека во трката за градоначалник на Штип се петмина кандидати.
За градоначаник на Штип, кој ќе има мандат до октомври 2021 година, влегуваат Трајче Митев (Независен кандидат со собрани 260 граѓански потписи), Лазар Наумов (ТМРО), Сашко Николов (СДСМ), Гоце Ангелов (коалиција „Иднината во наши раце’, составена од партиите Демократи и Македонска обединителна реформска организација), а како најголемо изненадување доаѓа и кандидатурата на Симон Поликарп (Македонска конзервативна партија Интегра).
Имено, Симон Поликарп или попознат во Штип како Џими е роден во Нигерија, но неколку децении живее во Штип.
Претседателката Андреева посочи дека официјално ова се петтмината кандидати за градоначалник на општина Штип.
Претходно, од ВМРО-ДПМНЕ објавија дека нема да учествуваат на овие избори. Засега тие бараат да се одложат овие избори.
Изборите за градоначалник во Штип и Пласница се закажани на 13 ти декември, а ќе се гласа како претходните избори, односно според здравствените протоколи.
На 11 декември ќе гласаат болните од коронавирус, на 12 декември болните, изнемоштени лица и осудениците во затворите, а на 13 ти декември е изборниот ден, кога гласачките места ќе бидат отворени во 7 часот наутро.
