Никој не ја слуша Антикорупциска – алармирале за злоупотреби на Рамиз Мерко

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Антикорупциската комисија го алармирала Обвинителството и судството за злоупотреби на градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, но ниеден орган не презел ништо конкретно. По ставањето на Мерко на Црната листа на САД, Антикорупциска излезе пред медиумите за да каже дека тие постапувале, но другите институции не презеле ништо.

Претседателката на Антикорупциска објаснува дека уште во 2019 доставиле иницијатива до ЈО за покревање постапка за кривично гонење на Мерко, бидејќи свесно и намерно го оштетил општинскиот и државниот буџет и купил луксузно Ауди. Предметот шетал од Скопското до Струшкото обвинителство и повторно бил вратен до Антикорупциска, но на Ивановска не и е јасно зошто требало предметот да оди до Струга. Истиот предмет се уште се истражува и нема епилог, а врз основа на спецификациите, Мерко побарал луксузен автомобил за себе.

Бидејќи општина Струга од 2010 работи со блокирани сметки, а Мерко можел да купува луксузен автомобил, Антикорупциска пријавила до Судскиот совет дека Мерко влијаел врз претседателот на Основниот суд Струга за зголемување на минималниот процент за јавна набавка, но како што истакнува Ивановска и овој нивен предмет е изгубен и застарен.

Ивановска рече дека во последниве 4 години Комисијата почнала голем број предмети, додека во 2022 поднела над 100 иницијативи и препораки, но како што додава, во државава има врски кои не им дозволуваат на институциите правилно да функционираат.