Никој не купува скара – 1 мај не се прославува во Тетово

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Исмаил Демири од Тетово празникот 1 мај го чекаше со нетрпение. Тој е ковач. Се надеваше дека денеска продажбата на скарите кои ги изработил рачно ќе биде зголемена. Но, се случи сосема спротивнотот. Исмал не продаде ниту една скара.

„Никој не дојде да купи скара, други години сме продавале и по 15 скари за мај, само тој ден, не зборувам за пред 1 мај, само за 1 мај сме продавале по 15 скари“, вели Исмаилаки Демири.

Неговиот дуќан е во горниот дел од тетовската чаршија, на улицата која води до градската бања кое е едно од најпосетените излетнички места за 1 мај. Вели дека не поминал ниту еден автомобил со семејства.

„Не излегле бидејќи немаат, треба да имаат пари за да купат месо, немаат, младите по оваа улица одеа до бањата, автомобили полно, но сега кој да излезе, нема работа“, додава Демири.

1 мај во Тетово не се прославува, но на шеталиштето кон бањата како секој обичен ден, граѓани кои излегле да трчаат или пешачат. Градската бања е речиси празна. На местото каде изминатите години ечеше музика, имаше ора и скара, сега глетката е ваква.

Анкетираните граѓани велат дека е нормално во време на пандемија да нема луѓе.

„Јас никогаш не сум прославувал, нема што да се слави“, вели граѓанин.

„Не мислам дека е во ред бидејќи ние сме навикнати да има празнична атмосфера, луѓето да излезат, да биде полно со народ и деца што си играат. Но, сега сме во период кога сметаме дека е нормално да го сфатиме како нешто нормално, бидејќи помина одредено време и почнавме да се навикнуваме на карантинот и тоа изгледа како нешто нормално“, рече граѓанин.

„Нормално е, тоа е согласно ситуацијата со пандемијата“, додава граѓанин.

„За времето во кое сме, нормално е, поради пандемијата, немаше да биде нормално да видиме скара и пиење“, посочи граѓанин.

Полицискиот час во Тетово започна во 14 часот и ќе трае до 5 часот изутрина. Во текот на денешниот ден регистрирани се 2 нови случаи на Ковид-19.