Никој не потврдува поддршка за ВМРО-ДПМНЕ – Меџити вели дека ја поддржуваат Владата, можно е да гласа лично против Груби?

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Помина една недела откако опозицискиот лидер Христијан Мицкоски најави ново мнозинство, но до денеска нема ништо ново. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ не кажува со кои партии преговара, а ТВ21 контактираше некои од актуелните партнери на Зоран Заев.

Прво нешто што ти паѓа на памет во една ваква ситуација е Движење на Турците партија која има еден пратеник во Собрание, лидерот Енес Ибрахим. По растурање на локалната коалиција со СДСМ во Радовиш, тој вели дека сега секоја опција е отворена, но коалиција со Мицкоски не е опција.

Се обидовме да го исконтактираме и пратеникот Бејџан Иљас од Демократската партија на Турците но тој беше недостапен на телефон. Интегративците немаат проблем со Владата, но координаторот Изет Меџити вели дека интерпелација може да се покрене само за вицепремиерот Груби.

„Немаме проблем со ориентацијата на Владата. Ја поддржуваме оваа влада. Проблемите се внатре во ДУИ, да се слуша гласот на структурата. Доколку покренеме интерпелација, тоа ќе биде само за Артан Груби“, истакна Изет Меџити.

Другите членови на мнозинството исто така не размислуваат за никакви чекори. Од Либералната Демократска партија, претседателот Горан Милевски и пратеникот Боби Мојсоски ни рекоа дека не размислуваат за такво нешто. Павле Трајанов од Демократски сојуз рече дека е против ваквите купопродажби на пратеници. Горан Мисовски од НСДП вели дека ВМРО ДПМНЕ за новото мнозинство треба да ги чека следните избори.

Извори на ТВ21  потврдија можни преговори на ВМРО-ДПМНЕ со пратеникот Панчо Минов, кој во моментов е пратеник на СДСМ. На прашање во врска со ова, Минов рече дека нема ниту основа да се зборува за такво нешто. Мирослав Јовановиќ од партијата Српска странка на Македонија исто така рече дека не размислуваат за такво нешто. Ниту пратеникот Зекир Рамчиловиќ не размислува да преземе одредени чекори.

„ВМРО ДПМНЕ во моментот нема стратегија за подобрување на состојбите во државата, а со тоа е и многу далеку од формирање на некое ново мнозинство и ја нема мојата поддршка“, посочи Зеќир Рамчиловиќ.

Засега единствените кои потврдуваат дека ќе ја поддржат ВМРО-ДПМНЕ за уривање на Владата е албанската опозиција. Координаторот на парламентарната група на коалицијата АА-ААА, Скендер Реџепи, вели дека поддржуваат секаков обид за промена, прво да падне Влада а потоа да се одвиваат разговори меѓу тие кои можат да формираат ново мнозинство.

ТВ21: Дали моментално водите разговори со ВМРО-ДПМНЕ?

„На официјално ниво не. Може да има посебно преговори, но во ниво на коалицијата немаше и не се очекува да има додека не се утврди таква можна промена. Доколку има реална можност верувам дека тогаш и преговорите ќе се одвиваа на официјално ниво“, посочи Скендер Реџепи – Зејди.

Се уште не се знае како би делувала опозициската  Левица. Претседателот и пратеникот од оваа партија, Димитар Апасиев, ни рече дека моментално не водат разговори со ВМРО ДПМНЕ за можна коалиција за ново мнозинство.

Премиерот Заев вели дека моментално е посветен на реализацијата на владината програма затоа не губи време за парламентарното мнозинство, за кое очекува да се зголеми.

За да се формира ново мнозинство најмалку се потреби 62 пратеника. А со толку може да се урне и моменталното мнозинство предводено од СДСМ. Во моментов  ВМРО ДПМНЕ има 44 пратеници, заедно со албанската опозиција со 12 пратеници, тоа се вкупно 56 пратеници. Доколку евентуално им се приклучи и Левица тоа се 58 пратеници. Во овој случај се потребни уште 3 пратеници за да се формира мнозинство, а засега не се знае од каде нив  ќе ги земе Мицкоски.