Министерот за транспорт Александар Николоски во поткастот „Ноќно студио“, зборуваше за автопатските делници. Тој кажа дека во 2025 година делниците што ги гради „Бехтел и Енка“ е отворен фронт за 90% во 2025 година, споредбено со 2024 година, и очекува нов раст годинава од 70%.
“Сега, со оглед на тоа дека завршните сметки се готови, можете да видите дека Бехтел има 90% раст кога ќе ги споредите 2024 со 2025 година, што значи дека она што го кажуваме во јавност, дека ние им ги отворивме фронтовите за работа и им ги овозможивме сите услови да работат, се покажува на дело, а оваа година очекувам дека ќе имаат некаде 70% раст, во споредба со минатата. Значи, проектот расте, како што треба да расте, се обидуваме да ги надминеме слабостите од минатото. Ние наследивме проект кој што имаше 0 % експропријација, нула дислокација на водови и каде што освен потпишување на договори немаше никакви активности на терен” истакна Николоски.
Тој информираше дека веќе се работи на делниците Прилеп-Битола, Тетово-Гостивар и Гостивар-Букојчани, додека реализацијата на автопатската делница Требеништа-Ќафасан, ќе зависи од процедурите и одлуките поврзани со УНЕСКО.
“Почнавме со активности на терен и на Прилеп-Битола и на Тетово-Гостивар и на Гостивар-Букојчани, ситуацијата на Требеништа-Ќафасан зависи од УНЕСКО, но и таму имаме решенија доколку добиеме зелено светло”, посочи вицепремиерот Николоски.
Николоски рече дека изградбата на автопатот Прилеп – Битола се одвива со силна динамика.
„Автопатот Прилеп-Битола од една страна е нешто што е дамнешна желба. Од друга страна, веќе влезе во паневропските коридори. Тој коридор кога ќе биде завршен и од македонска и од грчка страна, ќе го скрати патувањето помеѓу Скопје и Атина за некаде до 3 часа, што многу ќе значи за економијата и за бизнисот. Едната страна од автопатот ќе биде целосно завршена веќе следната година, а комплетното автопатско решение заедно со сите споредни инфраструктурни објекти како: клучки, натпатници и споредни патишта, се очекува да биде финализирано до 2029 година” истакна Николоски.
Николоски кажа дека неговиот животен проект е брза железница до 200 километри на час.
„Ова е проект што го сонувам. Сакаме да изградиме брза пруга од границата со Србија до границата со Грција. За разлика од претходните планови кои предвидуваа само парцијална рехабилитација, нашиот модел е изградба на целосна брза железница во една фаза. Ова е повеќе од економски проект – ова е политички проект кој ја позиционира Македонија како клучна алка меѓу Атина и Будимпешта,“ изјави Николоски.
