Нов капацитет за производство на електрична и топлинска енергија беше отворен во Скопје, во рамки на инвестицијата на компанијата „Теса Енерџи“. На настанот присуствуваше и заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, кој порача дека државата ќе продолжи да ги поддржува домашните инвестиции во енергетиката и зелената транзиција.
Според Николоски, ваквите инвестиции покажуваат дека домашниот капитал може да следи светските трендови и да придонесе кон поголема енергетска независност на државата.
„Ова е многу значајно затоа што домашни компании покажуваат дека можат да бидат во чекор со најголемите светски трендови. Би сакал да му честитам на инвеститорот Ајри Шеј кој навистина направи еден храбар чекор да покаже како може да се инвестира со домашен капитал“, истакна Николоски.
Тој додаде дека очекува инвестициите да продолжат и најави поддршка од Министерството за транспорт во реализацијата на ваквите проекти, како и побрзо завршување на административните процедури.
Николоски оцени дека инвестицијата може да има придонес и во намалувањето на загадувањето во Скопје, посочувајќи ја како дел од пошироките активности насочени кон подобрување на условите во главниот град.
„Зелената транзиција е она што ѝ е потребно на државата. Секако, оваа инвестиција ќе придонесе и да се намали загадувањето во рамки на градот Скопје“, рече тој.
Заменик-претседателот на Владата посочи и дека отворањето на новиот енергетски капацитет е само една од низата инвестиции што, според него, се реализираат во последните денови и се насочени кон економскиот развој на земјата.
„Имаме след од неколку дена на инвестиции коишто се инвестиции на 21-от век — дали се работи за ветерен парк, дали се работи за практично нов аеродром или се работи за оваа когенеративна централа“, додаде Николоски.
Тој порача дека Владата има јасна визија за развојот на државата и дека фокусот треба да биде ставен на современи инвестиции и технологии.
Во тој контекст, Николоски ги спомена и планираното воведување на градски воз и набавката на нови електрични автобуси како проекти кои треба да придонесат за намалување на загадувањето во Скопје.
