Николоски не се согласува со протести на превозниците: „Проблемот го решаваме билатерално, другите нека го решат како сакаат“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Македонија полека, но сигурно постигнува билатерални договори со земјите од шенген зоната за надминување на проблемот на превозниците, изјави министерот за транспорт Александар Николоски откако деновиве возачите отворено побараа од земјите на Европската унија престојот да им се пресметува во часови и минути, а не во денови. Тоа е прашање кое што треба да го уреди Европската унија и ние веќе имаме склучено неколку договори со земјите дел од шенген зоната.

“Веќе имаме такви договори со Хрватска со Швајцарија и со Романија, интензивно работиме со Австрија, Унгарија и со Германија и на тој начин ќе бидат покриени земјите каде што нашите превозници најчесто извезуваат или низ кои најчесто транзитираат. Очекувам во тек на октомври месец да започнеме разговори со Словенија и на тој начин целата рута е покриена така што тоа е нашата целосна поддршка за се останато Европската унија треба да изнајде решение“, вели Александар Николоски.

Во однос на најавите дека транспортерите од регионов повторно ќе ги блокираат граничните премини доколку не им се реши проблемот, Николоски вели дека Македонија има индивидуален пристап на решавање на проблемот, а дека најавените протести се под притисок на една соседна држава. Мислам дека има поконструктивно решение како што е постигнувањето билатерални договори и мислам дека протестите не се решение, рече Николоски.

„Она што го добив како чувство е дека една соседна држава прави притисок за таа работа пред се од политички причини. Нека си ги решаваат своите проблеми, ова е индивидуален пристап кој што ние го имаме а не колективен. Ние сме засебна, суверена, независна држава и ќе ги решаваме проблемите онака како што ние мислиме дека е најдобро, другите држави нека ги решаваат како што тие мислат дека е најдобро. Не смееме да паѓаме во една замка на колективизација на проблемите. Знаете дека долго време имаа обид да целиот регион да биде претставен како едно, како Западен Балкан, јас со тоа не се согласувам“, вели Александар Николоски.

Деновиве работната група на транспортери од регионов во кои покрај Македонија се и Србија Црна Гора и Босна и Херцеговина, одржаа состанок на кој се договорија дека до први септември ќе ја чекаат Европската унија да донесе решение за нивниот проблем и дека бараат нивниот престој додека ги извршуваат транспортните обврски да се пресметуваат според часови, а не според денови. Тие рекоа дека доколку тоа не се постигне повторно ќе започна протести со блокади на граничните премини.