Македонија е влезена во фаза на силен инфраструктурен развој, започнуваме со изградба на брзата пруга на Коридор 10, од границата со Србија до границата со Грција. Ќе понудиме брз карго превоз до 200 километри на час и до 160 километри на час за превоз на патници. Со тоа целосно ќе ја трансформираме економијата, се обрати заменик претседателот на Владата Александар Николоски на Самитот на министри за транспорт од земјите на Западен Балкан што се оддржува во Солун.
На Самитот кој е во ораганизација на Секретаријатот на Транспортната заедница, на кој се разговара за приоритетите на инфраструктурата и инвестициските предизвици во Западен Балкан, покрај министрите, присуствува и Еврокомесарот за одржлив транспорт и туризам, Апостолис Цицикостас.
Во своето обраќање, заменик претседателот на Владата Николоски истакан дека земјите долж Коридор 10 мора да се насочат кон доизградба и модернизација на Коридор 10 како предуслов за одлжлив економски раст и поефикасен транспорт.
„Доколку паметно и мудро го искористиме Коридорот 10, во тој случај можеме целосно да ја трансформираме економијата во Југоисточна и Централна Европа. Веќе постои брза железница меѓу Атина и Солун, Белград – Будимпешта е веќе завршена. Нашите колеги од Србија работат на делницата Белград – Ниш. Она што недостига е делот меѓу Ниш, Скопје и Солун. Од наша страна, започнавме многу амбициозна програма и веќе сме пред нејзино финализирање, што значи ќе започнеме со изградба на брза железница на целиот Коридор 10, од границата со Србија до границата со Грција. Тоа ќе биде брза железница – од 160 до 200 километри на час за патнички сообраќај и 120 километри на час за карго сообраќај. Амбицијата е да се заврши за 5 години. Проектот ќе чини најмалку 2 милијарди евра. Финансирањето е обезбедено преку Договорот за стратешко партнерство што го потпишавме со Обединетото Кралство. Условите се многу поволни, што значи дека започнуваме и мислам дека за не повеќе од 5 години ќе има брза железница која ќе можеме да ја користиме за карго, но исто така и за патници. Тоа ќе ја смени реалноста во регионот. Скопје – Солун ќе се патува за 1 час и 25 минути. Скопје – Белград ќе ќе се патува за 2 и пол часа, така што тоа е целосно, целосно поинаква реалност. А товарен воз од Атина ќе стигнува во Виена за помалку од 24 часа, а од Солун до Будимпешта за околу 12 до 14 часа, што е комплетна промена на реалноста”, се обрати Николоски.
