Николоски: Првите километри од автопатот Тетово-Гостивар ќе бидат завршени следната година, работиме и на железничко поврзување со Албанија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Првите километри од автопатот Тетово-Гостивар ќе бидат завршени во рок од една година, што според моменталната динамика се очекува целосно да биде завршено во 2028 година. Работиме и на железничко поврзување како продолжение на активностите од проектот „Градски воз“ , објави денес вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски.

„Изградбата на автопатот Тетово-Гостивар напредува добро. Ова е автопат што го иницираше оваа Влада. Сите прашања поврзани со експропријацијата се решени, додека сега се решаваат проблемите со преместувањето на инсталациите. Исто така, не сакаме да ги изолираме жителите од едната или другата страна на автопатот, поради што паралелно се градат надвозници и мостови“, рече Николоски за време на неговата посета на Општина Тетово.

Тој додаде дека, доколку продолжи ова темпо, следната година ќе бидат завршени првите километри од автопатот, додека до крајот на 2028 година се очекува да биде завршена целата оска Тетово-Гостивар.

Николоски, исто така, најави дека, заедно со Европската Унија, во рамките на Планот за раст, интензивно се работи на документацијата за железничко поврзување на Скопје со Тетово и Гостивар во првата фаза, со Кичево во втората фаза, а во третата фаза со Охрид, Струга и Република Албанија.

„Мојата идеја и еден вид сон е да создадам меѓуградски возови, нешто што во голема мера ќе го олесни сообраќајот, ќе ги намали редиците и загадувањето. Интензивно се работи на овој проект и се надевам дека следната година ќе ги видиме првите бетонски работи“, рече Николоски.

Според него, целта е во иднина патувањето од центарот на Тетово до центарот на Градот Скопјe да трае околу половина час со воз, како продолжение на проектот „Градски воз“ во рамките на Градот Скопјe.