Кога најголемите земји од Европската унија ќе бидат убедени дека Македонија треба да почне преговори, проблемот со Бугарија би се решил во едно претпладне. Ова утрово го во SummerClick на ТВ21 го изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски.
„Многу повеќе ЕУ и треба на Бугарија, отколку Бугарија на ЕУ. Бугарија е најслабата или втората најслаба земја членка на ЕУ, дефинитивно зависна од помошта од Европската комисија пред се во делот на буџетско финансирање“, вели Александар Николоски.
Клучниот проблем на државата го гледа во криминалот и корупцијата.
„Човек не може основна работа да заврши. Да извади дикумент, да отиде на лекар, да заврши имотно-правни работи, доколку опција А нема пријател или роднина таму, или Б не даде мито. Ако го нема ниту едното ниту другото ќе си чека со месеци. Тоа значи дека корупцијата е спуштена на најниско ниво во државата. Тоа е така бидејќи тие кои се најниските ешалони во јавната администрација гледаат дека сите над нив се корумпирани и си велат народски, кога тие можат милиони можам јас 1000 денари за да ја завршам работата“, порача Александар Николоски.
Излезот од ВМРО-ДПМНЕ го гледаат во предвремени парламентарни избори оваа есен.
„Најлогично е да се оди на брзи предвремени избори, кои ние повикуваме да се случат час поскоро, да се распушти Собранието и во законски предвидениот рок од 50 до 60 дена да одиме на избори, при што и ние сме подготвени да направиме отстапка, а тоа е да се откажеме од техничка влада, односно ВМРО-ДПМНЕ доброволно се откажува од двајца министри и тројца заменици министри од таа техничка Влада за спроведување на избори со цел изброите да се случат побрзо“, додава Александар Николоски.
Николоски вели дека на следните избори ВМРО-ДПМНЕ ќе може сама да формира Влада.
Александар Николоски: По се она што го гледаме, очекувам ВМРО-ДПМНЕ освои апсолутно мнозинство.
ТВ21: Имаме појава на нови политички партии. Дали токму оваа посета на Албин Курти може да ДУИ да ја испрати во опозиција?
А.Н: Тоа е прашање на кое треба да одговорат Албанците во Македонија, јас можам да кажам дека ние кога би биле во позиција да бираме, би одбрале да соработуваме со албанската опозиција.
Во интервјуто Николоски рече дека многу повеќе ВМРО-ДПМНЕ е за ЕУ отколку самата Влада, потенцирајќи дека власта има скапо платени лоши ПР експерти.
