Наместо нова и модерна позитивна листа на лекови деновиве четвртиот министер за здравство во Владата на СДСМ и ДУИ триумфално објави дека има датум за нова Комисија за позитивна листа, обвинува Игор Николов, претседател на комисијата за здравство при ВМРО-ДПМНЕ. Како што вели тој, за седум години, оваа Влада целосно изгуби допир со реалноста. Наместо да ја замајуваат јавноста, надлежните треба да се фатат за работа и да го почитуваат начелото на транспарентност за кое што очигледно не се многу заинтересирани.
„Целосно ги заборавија ветувањата кои ги дадоа, а се однесуваат на лековите, и тоа, редовно ажурирање на нова позитивна листа, лек во секое време за секој пациент, редовна набавка на квалитетни лекови за 44 000 инсулинско-зависни пациенти. Устите им се полни со ЕУ и европски вредности, но на дело нема ништо. ЕУ има директива (89/105) која се однесува на транспарентност на мерките за регулирање на цените на лекови“, вели Игор Николов.
