По повеќемесечен престој во притвор, обвинетите Н.В. и Н.Н. во предметот поврзан со Клиниката за онкологија ќе се бранат од слобода. Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје го прифати предлогот на одбраната и одлучи притворот да биде заменет со гаранција и дополнителни мерки за претпазливост.
Одлуката е донесена откако Јавното обвинителство дало позитивно мислење за барањето, а се однесува на предмет во кој меѓу обвинетите е и поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Нино Васев.
Судот информира дека за Н.В. е определена гаранција во износ од 183.981 евра, обезбедена преку хипотека на недвижен имот во корист на Република Северна Македонија.
За вториот обвинет Н.Н. е прифатена гаранција во износ од 348.049 евра, исто така преку ставање хипотека на недвижен имот.
Покрај гаранциите, судот им изрече и мерки за претпазливост со цел ограничување на нивното движење и обезбедување присуство во текот на постапката.
На обвинетите им е определена забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето на територијата на град Скопје, задолжително јавување во суд еднаш месечно, како и привремено одземање на патните исправи.
Од Кривичниот суд наведуваат дека при одлучувањето бил земен предвид и законскиот рок до кој можела да трае мерката притвор, како и фактот дека обвинителството се откажало од правото на жалба.
Дополнително, судот констатирал дека хипотеките понудени како гаранција веќе биле запишани во Катастарот на недвижности, по што решенијата станале правосилни.
Постапката за случајот поврзан со работењето на Клиниката за онкологија продолжува пред надлежниот суд.
