Скопјани ќе имаат бесплатен јавен превоз во втората половина на 2023 година. Ова го изјави пред некој ден Данела Арсовска, градоначалничката на Скопје пред точно една година. Таа во својата програма наречена „За модерно Скопје“ вети целосно бесплатен превоз за сите граѓани, но и набавка на 250 нови еколошки автобуси. Но, каде заглави ова ветување на Арсовска? Таа се жали дека овој предлог неколку пати го доставила до советот, но тие не го одобриле.
Дека не го поддржуваат овој проект, тоа го потврди и претседателот на скопскиот совет, Трајко Славески. Според него, проблемот е во несоработката меѓу градоначалничката и советот. Таа не соработува со ниту една од поголемите коалиции, вели Славески.
„Нејзиниот предлог на ниту едно гласање не добиваше поддршка од повеќе од 7-8 членови на Совет на град Скопје од вкупно 45. Проблемот е во тоа што Арсовска нема мнозинство во Совет кое би ја поддржувало. Таа не соработува со координаторите на двете најголеми коалиции во Советот, ниту со претседателот на Советот. Советниците од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека со задолжувањето на градот нема да се оствари ни оддалеку ветувањето за бесплатен превоз.“, изјави Славески.
Освен 250 нови автобуси и бесплатен превоз, Арсовска предвиде автобусите да имаат и бесплатен Wi-Fi интернет и полначи за мобилни телефони. Арсовска најави дека бесплатниот превоз ќе биде дел од предлог-буџетот за 2024 година, но според Славески тоа е тешко изводливо бидејќи ЈСП едвај ги покрива платите на вработените и плаќа стари долгови.
