Ништо од најавата на Владата за пониски цени, граѓаните револтирани – нема никакво намалување, само не лажат

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По 6 дена од најавата на Владата за намалување на цените на основните прехранбени производи во маркетите не е забележана нивна корекција, односно таа е иста како и пред најавата за поевтинување.  По обиколката во неколку продавници забележавме дека ниту цената на лебот, ниту на брашното, шеќерот, зејтинот или пак месото се намалени. Тоа го потврдуваат и граѓаните.

„Нема ништо намалување ни на леб ни на масло ни на шеќер, на ништо нема намалување. Ова е страшно, неиздржливо, не знам до кај ќе одиме“.

„Не, какво намалување. Се е лажга, нема врска. Иста цена е се“.

„Не е ништо намалено, ама зашто лажат. И плус не можеш ни да видиш која е цената, измешани цените“.

Не е намалено ништо?

„Ништо, па еве видовте“.

Министерот за економија Крешник Бектеши со сигурност тврдеше дека компаниите кои користат субвенционирана електрична енергија ќе мора од први декември да ги намалат цените до 10 проценти и тоа постапно, бидејќи како што рече голем дел од продуктите се веќе на рафтовите по маркетите. Најави и инспекциски контроли.

„Јас очекувам утре сите тие производители сите тие производи кои се наведени во одлуката на Владата во делот на замрзнување на маржите да имаат намалување најмалку од 10 посто. Веќе имаме во маслото за јадење одредено намалување. Утре се очекува дополнително намалување да има во делот на лебот и на месните производи и така следствено да продолжат намалувањето на другите производи. Граѓаните слободно да пријават во Државен пазарен инспекторат ако приметат дека не се намалени цените или пак се злоупотребени од страна на одредени трговци“, вели Крешник Бектеши.

Од ВМРО-ДПМНЕ доставија амандман до предлог буџетот кој предвидува до 30 април идната година за прехранбени производи да има викенд без ДДВ.

„На овој начин граѓаните ќе можат да купуваат основни прехранбени производи, а потоа парите за платениот ДДВ да ги добијат назад на своите трансакциски сметки. Огромни се даночните приходи на државата поради инфлацијата, храната е во просек поскапена за 30%, а кај некои производи поскапувањето надминува дури и 100%“, вели Дафина Стојановска

Од први декември 235 фирми од прехранбениот сектори добиваат субвенционирана електрична енергија со што како што најавија од Владата тие имаат обврска да ги намалат цените на основните прехранбени продукти.