Две – три камери беа во дворот на Собранието на Македонија, денеска напладне. Ова се случи поради тоа што неколку пратеници од владината коалиција беа видени како влегуваат во Парламентот и чекаа да се свика седница.
Дури имаше лице кое им ја мереше температурата на пратениците.
По одредено време, во Собрание донесоа и неколку пици. Беа толку многу што дури двајца доставувачи ја вршеа доставата.
Неколку новинари коментираа дека треба да бидат донесени повеќе пици, бидејќи внатре има многу пратеници. Вкупно беа донесени 20 пици иако во Собрание влегоа повеќе од 20 пратеници.
Поради нарачаната храна, во Собрание изгледа дојде и Мухамед Зекири.
ТВ21 го праша дали ќе се одржи седница, но тој зборуваше за пицата.
И покрај тоа што имаше многу храна, не дојдоа сите пратеници од новата коалиција. ТВ21 дознава дека незадоволство има во двата табора, и кај СДСМ и кај ДУИ.
Во коалицијата Можеме, двајца пратеници од СДСМ се жалат поради тоа што не се дел од Владата како што им било ветено.
Во ДУИ пак велат дека од поделбата на власта незадоволни се два огранока, Чаир и Сарај!
Официјално денеска немаше покана за собраниска седница, а ниту за утре не е испратена покана ниту до медиумите, ниту до пратениците.
ТВ21 ја праша коалицијата Алијанса – Алтернатива во врска со ова, но од таму велат дека за денеска не добиле покана и поради тоа нивните пратеници немало зошто да одат таму. Меѓу првите кој замина од Собранието беше пратеникот Арбен Зибери.
Тој за малку ќе го оштетеше својот автомобил поради тоа што удри во столб кој го постави полицијата пред влезот на Собранието. Многу полесно од него помина Талат Џафери кој денеска можеше да биде избран по втор пат за претседател на Собранието.
