Најлудата ноќ главно минала мирна и без поголеми инциденти. Ова е генералната оценка на министерот за здравство Венко Филипче во однос на тоа како поминала новогодишната ноќ. Тој информираше дека на Клиниката за токсикологија биле примени 17 лица, главно поради претерување со алкохол. Од нив 7 биле малолетници од 14 до 17 години. Министерот Филипче истакна дека на сите им било укажано помош и се во добра состојба, по што биле пуштени дома.
„На Клиниката за токсикологија примени се 17 пациенти, 11 се практично примени заради состојба на алкохолизираност, после соодветниот третман сите се добри. Во Службата за итна медицинска помош околу 50-ина повици во најголем број случаи заради пациенти кои што се алкохолизирани, помалку пациенти повредени во физичка пресметка и неколку помали и една посериозна сообраќајна несреќа.“, рече Филипче.
И министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски оцени дека новогодишната ноќ главно поминала мирно, со мали инциденти. Приведени се 12 лица главно поради нарушување на јавниот ред и физички пресметки.
„Оваа новогодишна ноќ е една од најмирните без нарушување на јавниот ред и мир, без кривични дела, без поголеми сообраќајни незгоди. Имаме едно нарушување на јавниот ред и мир во Скопје, имаме една сообраќајна несреќа, која што за среќа нема фатален исход, значи немаме сообраќајки кои што има дури и тешки телесни повреди. Благодарам на сите граѓани кои што празнуваа, прославуваа одговорно.“, вели Спасовски.
Ова е втора година по ред која се оценува дека главно изминала мирно. За пречекот на минатата 2021 година 10 лица завршиле на Токсикологија а исто толку и на Ургентен. Исто така, немало ниту многу сообраќајки, тепачки или било какви нарушување на јавниот ред и мир.
