Нов етички патоказ за медиумските професионалци – промовиран модернизираниот Кодекс на новинарите на Македонија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Новиот Кодекс на новинарите на Македонија, кој беше официјално промовиран во просториите на Europe House Скопје, означува пресврт во унапредувањето на професионалните стандарди во медиумската сфера. По цели 25 години од носењето на првиот Кодекс во 2001 година, тој е прилагоден да одговори на предизвиците на дигиталната ера, вештачката интелигенција и новите медиумски форми.

Осврнувајќи се на дел од главните измени на Кодексот за употребата на вештачката интелигенција во медиумите, претседателот на Здружението на новинарите на Македонија, Младен Чадиковски истакна дека вештачката интелигенција не може да ги замени новинарите, да биде на местото на настанот, да замени соговорник или да поставува потпрашања.

„Најважно од сѐ, вештачката интелигенција не може да ја преземе одговорноста пред јавноста. Затоа, одговорноста ќе остане секогаш наша, новинарска. Со овој кодекс јасно кажуваме, практично, дека технологијата може да биде алатка, но не смее да стане замена за професионалната проценка, етичката одлука и новинарската одговорност“, изјави претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски.

Претседателката на Управниот одбор на Советот за етика, Леунора Калиќи, истакна дека новиот Кодекс не е само збир на нови правила, туку е механизам и инструмент со кој самите новинари преземаат одговорност и го зајакнуваат интегитетот на професијата.

„Во време на дезинформации, социјални мрежи, онлајн медиуми и вештачка интелигенција, саморегулацијата станува клучен механизам за заштита на професионалното новинарство. Новиот кодекс ги модернизира етичките стандарди и нуди јасни насоки за предизвиците на дигиталната ера“, вели Леунора Калиќи од СЕММ.

Мира Костиќ, ветеранка на новинарството која учествуваше во изработката и на првиот и на новиот Кодекс, оцени дека новиот текст ќе му одолее на тестот на времето, исто како и досегашниот Кодекс на новинарите, кој беше добра основа за новата надоградба.

„Успеавме да направиме еден текст, со поддршка на сите колеги од медиумите, којшто мислам дека ќе одолее уште долго на времето во кое се наоѓаме и во кое работиме, бидејќи овој Кодекс, кој беше основа за новиот Кодекс, значи зборувам за стариот Кодекс, го издржа до денес предизвикот на времето во кое се наоѓаме. Се разбира, сега новите времиња носат нови барања и нови правила и треба да ги дополниме“, вели Мира Костиќ, член на работната група за изработка на кодексот.

Кодексот е плод на инклузивен процес предводен од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Советот за етика во медиумите (СЕММ) и Македонскиот институт за медиуми (МИМ), а финансиски поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика Мобилитас.