Нов лик на кејот на Вардар: Скопје добива современа градска плажа

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави интензивирање на активностите за целосно уредување на кејот на реката Вардар и изградба на нова современа градска плажа, која ќе биде отворена и достапна за сите генерации.

Според него, кејот претставува едно од најважните урбани јадра во главниот град, каде секојдневно се рекреираат илјадници граѓани. Уште од почетокот на неговиот мандат, како што посочи, започнало темелно чистење на коритото, со што Вардар повторно тече по своето природно и нормално корито.

Во рамки на тековните активности се реконструираат спортските терени за фудбал, одбојка на песок и баскет, се поставува нова урбана опрема и се формираат модерни фитнес-зони на отворено. Проектот ги опфаќа и спортските терени во Маџир Маало, кои ќе бидат целосно унапредени и повторно ставени во функција на заедницата.

На кејот се гради и современа градска плажа, замислена како безбеден и уреден простор за одмор, рекреација и дружење, што треба да внесе нова динамика во животот покрај реката и да го доближи Скопје до европските урбани стандарди.

Ѓорѓиевски нагласи дека инвестирањето во спортот значи вложување во здрави навики, здрави млади луѓе и силно општество. Тој изрази благодарност до министерот за спорт, Борко Ристовски, за поддршката и партнерскиот пристап во реализацијата на проектите.

„Ова е само почеток. Нашата визија е современи, уредени и достапни спортски терени во сите општини на Град Скопје, со рамномерен развој и еднакви можности за активен и здрав живот за секој скопјанец“, порача градоначалникот.