Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, заедно со министерот за здравство Азир Алиу и амбасадорот на ОБСЕ во Скопје, Килијан Вал, го промовираа Протоколот за постапување со лица без државјанство, пренесува ТВ21.
Беше истакнато дека протоколот ќе ја подобри институционалната координација и ќе воспостави поефикасен пристап за идентификација и решавање на случаите на лица без државјанство.
Се очекува новиот протокол да овозможи појасни процедури и побрзи решенија, особено за малолетниците, а државата ќе продолжи со усогласување со меѓународните стандарди.
Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Вал, оцени дека промоцијата на протоколот претставува значаен чекор напред и подобрување на досегашните напори.
Министерот за здравство, Алиу, нагласи дека протоколот има директно значење за здравствениот систем и пристапот до здравствени услуги за лицата без државјанство.
„Со протоколот што ќе биде на хартија ќе ја подобриме меѓуинституционалната соработка во иднина, за да го решиме овој проблем системски. Пристапот на оваа Влада не е само да носи ад-хок решенија, како претходните влади, туку да понуди системско решение“, изјави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
„Во ‘е-здравство’ е креиран и дефиниран модул за овие граѓани, со цел тие да можат да бидат евидентирани како пациенти во нашиот здравствен систем“, изјави министерот за здравство, Азир Алиу.
