Нов пункт за вакцинација во Шутка – жителите се вакцинираат без термин, со Синовак

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Жителите на општина Шуто Оризари во раните утрински часови се упатија кон поликлиниката бидејќи од денеска освен другите дејности кои ги нуди поликлиниката, тука можат и да се вакцинираат. Овој пар на возраст од околу 65 години, откако ја слушнале веста дошле кај новиот пункт и чекаат ред.

Медицинската сестра Сузана Мусли вели дека интересот е на ниво и дека до пладне се вакцинирале околу 50 жители од оваа општина.

За да види како се одвива процесот на првиот ден од вакцинацијата во Шутка, дојде и министерот Венко Филипче во придружба на десетина лица. Медицинските сестри освен што дадоа извештај за вакцинацијата, му се пожалија и дека не работи клима уредот и дека е многу топло.

По ова, Филипче одвои време за да се фотографира со вработените и колегите, потоа со граѓаните кои дошле да се вакцинираат, а на крај излезе пред новинарите пред кои ја објасни причината зошто имало гужва нанекои од вакциналните пунктови.

Инаку вакцинацијата на терен се одвива со Синовак бидејќи како што велат здравствените власти, таа е најпрактична за употреба. Граѓаните на Скопје, без термин можат да се вакцинираат во поликлиниките Јане Сандански, Букурешт, Чаир а од денеска и во Шутка.