Цените на билетите за меѓуградски автобуски превоз во Северна Македонија се зголемија по поскапувањето на нафтените деривати, објави „Порталб“.
На релацијата Тетово–Скопје, билетот во еден правец сега чини 250 денари, наместо досегашните 200 денари, додека повратниот билет е 500 денари.
Поскапување има и на линијата Куманово–Скопје, каде билетот во еден правец е зголемен од 170 на 200 денари, а повратниот чини 400 денари.
За лице од Тетово кое работи во Скопје и зема минимална плата од околу 26.000 денари, секојдневниот превоз до работа и назад, во текот на 22 работни дена, би чинел околу 11.000 денари месечно, односно околу 42 отсто од платата.
За патник од Куманово, месечниот трошок за превоз би изнесувал околу 8.800 денари, што е приближно 33 отсто од минималната плата.
Зголемувањето предизвика незадоволство кај граѓаните, особено кај студентите и лицата кои секојдневно патуваат во Скопје поради работа или образование.
Од Министерството за економија и труд велат дека цените во услови на пазарна економија се формираат според слободниот пазар и дека во моментов нема законска основа за нивно ограничување.
Од приватните превозници засега нема официјално објаснување за причините за зголемувањето на цените.
