Нова бескаматна кредитна линија, износот на кредитот ќе зависи од бројот на вработени

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Од среда компаниите ќе можат да аплицираат за втората линија на бескаматни кредити наречен Ковид 2 со вкупна вредност од 8 милиони евра, информираа министерката за финансии Нина Ангеловска и директорот на Развојната банка Кире Наумов. За разлика од претходната која се однесуваше само на фирмите од угостителската и туристичката дејноста, за овој кредит ќе може да аплицираат сите мали, и средни претпријатија. Сумата на која максимално ќе може да се земе кредитот ќе зависи од бројот на вработените.

„Максималниот износ на кредитот во оваа линија изнесува 90 илјади евра и е за три пати повисок во однос на првата кредитна линија, додека минималниот износ на кредитот останува, односно е 3 илјади евра. Сумата ќе се одредува спрема бројот на вработени кој што компанијата го имала заклучно со 31 јануари така што минималната плата ќе се помножи со бројот на вработени и со три месеци“, рече Ангеловска.

За овој кредит нема камата, трошоците за аплицирање кон Развојната банка нема да се плаќаат. Рокот на отплата е до 3 години со една година грејс период, а обезбедувањето е со меница.

„Документацијата потребна за аплицирање во најголем дел останува иста како и во Ковид 1. Посочувам дека микрокомпаниите да не ги забораваме, односно треба да се знае дека формулата нема да важи за компаниите под 5 вработени во смисол, дека тие ќе може да аплицираат во износ од 3 илјади евра без разлика што претходната формула за толку помалку вработени не го достигнува ова ниво.“, изјави Наумов.

За тоа кога фирмите ќе почнат да работат и на кој начин ќе работат угостителските објекти министерката за финансии Нина Ангеловска одговори дека се работи за реотворање на економијата чекор по чекор и дека тоа најверојатно ќе почне да се случува во втората половина на мај.

„Има формирано тим кој што работи заедно со економските агенти, со стопанските комори, со економските ресори, со Министерството за здравство, со епидемиолозите со цел да се оформи еден план со кој што би се претставило како би се одвивало тоа постепено отворање и од друга страна би се претставило кои ќе бидат секторите кои етапно кои што временски би можело да очекуваат кога да отворат но и да знаат да се подготвуваат за одредени протоколи“, вели Ангеловска.

На владина седница се очекува да помине и предлогот за он-лајн обложување. Во оваа дејност работат околу 8 илјади лица, рече министерката Ангелова. Истовремено таа потенцираше и дека токму од овој сектор се прибираат околу 40 милиони евра во буџетот по основ на посебните давачки.