Премиерот Ковачевски вчера телефонски разговарал со францускиот претседател Емануел Макрон за предлогот кој што тој но и првиот човек на Европскиот Совет Шарл Мишел го дадоа за формирање Европска геополитичка заедница во која би биле земјите кандидати за членство во ЕУ. Ковачевски вели дека тоа се се` уште размислувања но очекува дека нема да биде замена на евроинтеграцискиот процес и почеток на преговорите со Европската унија.
„Во моментов тоа се размислувања и концепти кои што се уште не се презентирани на Европскиот совет. Новата геополитичка ситуација во светот и во Европа особено со оглед на војната која што се води во Украина по агресијата на Русија секако дека налага Европската унија како најголема заедница на држави во Европа да го размислува својот понатамошен развој но сепак во Европската унија постои процесот на проширување во кој што процес ние сме дел“, рече Ковачевски.
Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ не се согласува со овој предлог и вели дека Европската Унија со ова применува двојни стандарди за Македонија иако одамна го имаме заслужено местото во Унијата.
„На Македонија не и местото во втората лига бидејќи како МВП досега направи за таа истата Европа како никој друг. Така што Македонија е МВП во тоа друштво и треба да биде во првата петорка во првата лига. Мислам дека е редно време Европа да стане принципиелна на своите ветувања и барем за Македонија да не применува вакви двојни стандарди. Треба сега и веднаш јак притисок врз Софија и конечно Македонија да ги почне преговорите без никакви отстапки без никакви понижувања“, вели Мицкоски.
Претседателот на Европскиот Совет Мишел практично ја изнесе најавата на францускиот претседател Макрон за формирање нова политичка структура од земји кои се уште не ги почнале преговорите а чиј темел ќе биде Европската унија.
„Повикувам за формирање на Европска Геополитичка Заедница. Целта е да се создаде зближување и продлабочување на оперативната соработка да одговори на заедничкиот предизвик мир, стабилност и безбедност на нашиот континент“, вели Мишел.
Мишел воедно изрази очекување дека реализацијата на овој предлог би можела да започне кон средина на годинава и тоа по одржувањето на Советот на Европа на која и не се очекува дека Македонија ќе ги почне преговорите со Европската унија. Ќе предложам одржување конференција на која би се состанале лидерите на членките на Европската унија за да дискутираме конкретни опции, изјави Мишел пред Комитетот за економски и социјални прашања.
