Нова потенцијална инвестиција во ТИРЗ: Словенечка компанија планира вложување од минимум 15 милиони евра

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, Гоце Димовски се сретна со претставници на ИНЕА, словенечка инженерска и технолошка компанија од Љубљана. Беа разгледани можностите кои ги нудат ТИР зоните, како и активностите и плановите на компанијата за нова потенцијална инвестиција вредна минимум 15 милиони евра, со отворање на најмалку 100 нови работни места, информираа од Дирекцијата.

Димовски ги претставил поволностите за странските инвеститори што ги нуди Дирекцијата за ТИРЗ и Владата, истакнувајќи ја стратешката локација на државата, современата инфраструктура, квалификуваната работна сила и пакетот на државни мерки за поддршка на инвестициите, нагласувајќи дека Дирекцијата е стабилен партнер на сите инвеститори во текот на целиот инвестициски процес, со континуирана институционална поддршка од првичните разговори до реализацијата и понатамошниот развој на инвестицијата.

Алесандро Лупис, генерален директор на компанијата, изразил задоволство од средба, со очекување за продолжување на комуникацијата и понатамошно разгледување на можностите за реализација на потенцијална инвестиција во ТИР зоните. Тој ги претставил тековните проекти и активности, како и долгогодишното искуство на компанијата во развојот и имплементацијата на современи инженерски решенија за индустрискиот сектор.

ИНЕА е компанија специјализирана за индустриска автоматизација, дигитализација на производствените процеси, роботика и енергетски менаџмент, која со своите решенија им помага на компаниите да ја зголемат ефикасноста, продуктивноста и конкурентноста. Со над 35 години искуство, реализирала над 3.000 проекти во повеќе од 30 земји. Компанијата соработува со водечки глобални технолошки компании, меѓу кои AVEVA, Siemens, Rockwell Automation и Dassault Systèmes, придонесувајќи кон унапредување на производствените процеси и воведување на иновативни технологии, соопштија од Дирекцијата за ТИРЗ