Нова пречка за македонската евроинтеграција? Австрискиот парламент го објави условувањето на Бугарија за Македонија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

„Македонско малцинство во Бугарија“ и „македонски јазик“ се работите на кои Македонија ќе треба да заборави доколку сака евроинтеграција, ова се новите условувања нашиот сосед Бугарија.

Министерот за надворешни работи за МКД.мк вели дека изјавата на Бугарија била вложена отпосле во записникот од усвојувањето на заклучоците на Советот за општи работи на ЕУ.

„Советот за општи работи на ЕУ на 24 март (формално на 25 март) едногласно, вклучувајќи ја и Бугарија, безусловно одлучи да ги отвори преговорите со Северна Македонија. Ваквиот заклучок на 26 март едногласно беше одобрен и од шефовите на влади и држави во Европскиот совет. Оперативниот пасус на заклучокот на Советот во делот на Северна Македонија не содржи ниту еден услов“, рече Димитров.

На интернет страницата на австрискиот Парламент објавени се документите во врска со проширувањето на ЕУ и заклучоците од 25 март за добивање датум за преговори за Македонија и Албанија.

Димитров потенцира дека ова претставува стриктно унилатерална интерпретативна изјава, која не може да го исклучи или измени правниот ефект на одлуката за почеток на преговорите, ниту значењето и опфатот на заклучоците.

За ВМРО-ДПМНЕ сериозен скандал е тоа што од страна на македонските власти овој документ бил сокриен цели 23 дена.

„Ако го прифати ова македонската влада по сменетото име, ќе треба да се откаже од македонско малцинство, од македонскиот јазик, а и од голем дел од македонската историја. Со цел овој документ да не се крие од јавноста денес го презентирам пред сите вас. Во заклучоците на Советот на Европската Унија јасно стои дека изјавата на Бугарската делегација е составен дел од одлуката, а истата исто така ја приложувам содржината на овој понижувачки документ“, рече Николовски.

Според министерот за надворешни работи, Николоски покажува дека нема разбирање за начинот на кој функционира светот на дипломатијата додавајќи дека станува збор за унилатерална толкувачка изјава.


„Се разбира, можно е Николовски толку и да разбира како функционира светот на дипломатијата, па да не знае дека во случајов станува збор за стриктно унилатерална толкувачка изјава што ги отсликува позициите на една земја членка на ЕУ – Бугарија, во која впрочем е јасно наведено дека тоа е видување на Бугарија (на на ЕУ!). Документ што самата Европска Унија не го објави во пакетот со заклучоците. Притоа, оваа изјава нема никаков правен ефект врз содржината и опсегот на одлуката на ЕУ за почеток на пристапни преговори со Северна Македонија“, изјави Димитров.

Бугарија во оваа изјава повикува на доследно спроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка помеѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија и „неговата важност во отворањето на патот кон европска и евроатлантска интеграција на втората страна“. Во изјавата во воведните напомени се потсетува дека спроведувањето на Договорот во голема мера е блокирано од ноември 2019 година, поради „едностраната одлука на Република Северна Македонија да го суспендира на неодредено време учеството во работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и едукативни прашања, формирана според чл. 8. 2. од Договорот“.