Поразот од Шведска во првиот меч од ракометниот Мундијал беше во лошо издание за Македонија. Кога се мислеше дека полошо од тоа не може, денеска македонскиот национален тим пружи уште поразочарувачка партија и загуби до домаќинот Египет со 38:19 (20:6).
Лош почеток на нашата селекција, и веднаш предност за Египет. Беше 10:3, а потоа Македонија со серија дојде до 10:6. Но, следуваше низа на Египет од 10 гола по ред и 20:6 на полувреме. Македонија рано остана и без услугите на Филип Кузмановски кој доби исклучување.
Во вториот дел Лазаров остана на клупата, се чуваше за дуелот со Чиле, затоа што веќе се беше загубено. Египет ја „билдаше“ разликата која на моменти изнесуваше и +21. На крајот пораз од 19 разлика, еден од најтешките, ако не е најтежок на Мундијалите за нашата селекција.
Лазаров, Марковски и Пешевски беа најефикасни со по три гола во нашиот национален тим.
Во понеделник против Чиле за третото место во групата, и пласман во втората фаза.
