Адвокатот Александар Новакоски во емисијата „Click Plus“ на ТВ21 изјави дека изборот на нов државен јавен обвинител ќе има суштинско значење за насоката во која ќе се движи правосудството и најавените реформи.
„Сигурно за брзо време ќе знаеме што ќе одлучи Владата. Во овој момент државниот јавен обвинител ќе биде клучниот човек во кој треба да се надеваме за одредени реформи. Тоа многу брзо ќе се види – дали обвинителството ќе прифаќа влијанија или ќе работи професионално“, истакна Новакоски.
Тој нагласи дека, иако функцијата има политичка нота, тоа не значи нужно поистоветување со партија, туку носење одговорност во чувствителен институционален момент. Според него, новиот обвинител може да биде личност што историски ќе придонесе кон професионализација на системот.
Посебен акцент Новакоски стави на менаџерските способности што треба да ги поседува идниот носител на функцијата.
„По мене, мора да има добри менаџерски способности. Под него, по хиерархија, има обвинители со знаење и искуство. Тој ќе го избере својот тим, но мора да знае како да го организира обвинителството и да обезбеди услови за работа“, рече тој.
Адвокатот потенцираше дека без стабилен и доволен буџет не може да се спроведе ниту една сериозна реформа.
„Без добар буџет не можете да направите реформа. Ако обвинителството зависи целосно од тоа дали ќе добие средства или ќе моли за пари, тогаш нема напредок. Потребна е финансиска стабилност за да се движи системот напред“, додаде Новакоски, посочувајќи дека од лично искуство знае колку буџетските ограничувања можат да бидат пречка.
Тој оцени дека е клучно идниот државен јавен обвинител да ја зачува својата независност и да не потпадне под какви било влијанија.
„Треба да се избере личност што ги има сите овие квалитети – стручност, интегритет, менаџерски капацитет и независност“, нагласи Новакоски.
Осврнувајќи се на самата постапка, тој посочи дека повеќе кандидати ги исполнуваат техничките и законските услови, вклучително и условот за непрекинат стаж, но постави прашање по кои критериуми дел од нив се елиминирани.
„Не знам по кои критериуми се допуштени четворица кандидати, а еден не. Дали Советот на јавни обвинители, кој суштински ја познава работата на кандидатите, ги применил вистинските мерила?“, праша Новакоски, алудирајќи на потребата од транспарентност и јасни стандарди во изборниот процес.
