Адвокатот Александар Новакоски во емисијата „Click Plus“ на ТВ21 изјави дека не гледа друг начин за избор на државен обвинител освен актуелниот модел, при што нагласи дека клучно е да се избере личност која ќе работи во интерес на државата и на обвинителството.
„Мислам дека не гледам друг начин. Никогаш нема да се согласат сите околу тоа. Потребно е малку свест и да се избере човек кој навистина ќе работи во интерес на државата и на обвинителството“, истакна Новакоски.
Тој посочи дека комуникацијата меѓу обвинителството и адвокатите е неопходна во рамки на професионалното постапување, потенцирајќи дека адвокатите не бараат привилегии, туку можност да укажат на прашања кои можат да бидат важни за одредени постапки.
„Ние адвокатите не одиме кај обвинителите за да добиеме некаква привилегија, туку можеби да соопштиме нешто што ќе биде битно за некој процес. Дали тоа ќе се прифати или не, е друго прашање“, рече тој.
Во однос на дилемите околу тоа кој треба да го избира државниот обвинител, Новакоски смета дека Владата има легитимно право на таква одлука.
„По мене, Владата има право. Не гледам друг начин на избор. Ако го избира Советот на јавни обвинители, прашање е како ќе беше. Повеќе верувам во Владата, не ме разберете погрешно“, изјави адвокатот.
Тој додаде дека и во други држави извршната власт има значајна улога во изборот на обвинители, посочувајќи дека таквата практика е присутна и во САД, каде претседателот предлага обвинители.
„Секаде во светот државниот обвинител се бира на сличен начин. Тоа е прашање на луѓето и на довербата во институциите“, заклучи Новакоски, отворајќи ја темата за балансот меѓу подобноста и професионалноста во функционирањето на институциите.
