Додека премиерот Христијан Мицкоски е во Белград на настан од иницијативата „Отворен Балкан“, првиот вицепремиер Изет Меџити ја критикуваше иницијативата. Според Меџити, „Отворен Балкан“ не ја постигнал својата мисија и не е инклузивна иницијатива во која е опфатен целиот регион. Во неа продолжуваат да членуваат единствено Македонија, Албанија и Србија. Меџити посакува иницијатива во која ќе биде вклучено и Косово.
„Беше обид за обединување на регионот и полека се затвора со ефектот кој го имаше. Секаква друга иницијатива се надевам ќе биде инклузивна за да ги опфати сите држави, тука зборувам и за Република Косово. Само обединети, каде државите ќе се почитуваат меѓу себе како партнери може да значи просперитет за регионот и граѓаните“, изјави Изет Меџити, прв вицепремиер.
Забелешки за учеството на Македонија во „Отворен Балкан“ постојано пристигнуваа од претставниците на коалицијата „Вреди“, иако нашето учество во неа продолжува. Главните критики се однесуваа на српското влијание во земјава. Претходно и премиерот Христијан Мицкоски го критикуваше „Отворен Балкан“. Тој изјави дека иницијативата има многу недостатоци и за неа треба да се разговара со стратешките партнери.
„Секогаш го поставувам прашањето доколку една од целите на оваа иницијатива е брз проток на луѓе и стоки, прекуграничен брз проток, тогаш би сакал да ја знам границата помеѓу двата партнера во овој проект, Србија и Албанија. Би сакал да знам каде се наоѓа таа граница за да има брз проток меѓу двете држави“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Додека беше владејачка партија, СДСМ постојано критикуваше дека ВМРО-ДПМНЕ во Собранието ја кочи ратификацијата на законските решенија што произлегуваат од „Отворен Балкан“.
