Нови 11 случаи на ХИВ/СИДА во земјава, пријавени и случаи на хепатитис, гонореја и хламидија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Единаесет нови случаи на ХИВ/СИДА се регистрирани во земјава во текот на еден месец, покажуваат најновите податоци на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) објавени во месечниот билтен за движењето на акутните заразни заболувања.

Од новите случаи, девет се мажи, а две се жени. Станува збор за пациенти на возраст од 20 до 49 години.

Според податоците на ИЈЗ, заклучно со 30 јуни 2026 година, во Северна Македонија кумулативно се регистрирани 765 лица со ХИВ/СИДА во периодот од 1987 до 2026 година.

Од нив, 141 лице починало, 508 лица живеат со ХИВ/СИДА, додека 116 лица се водат како изгубени за следење, односно се иселени.

Во извештајниот период се регистрирани и други сексуално и крвно преносливи инфекции. Пријавени се седум случаи на сифилис и четири случаи на вирусен хепатитис Б.

Дополнително, евидентиран е по еден случај на гонореја, инфекција со хламидија и вирусен хепатитис Ц.

Податоците се дел од месечниот билтен на ИЈЗ, кој го следи движењето на акутните заразни заболувања во земјава.