Нови 30 дена вонредна состојба, прогласи шефот на државата Стево Пендаровски. Тој ја донесе одлуката на седницата на Советот за безбедност, овој пат во скратен состав. Според него продолжувањето на вонредната состојба е единствениот начин да се спречи ширење на корона вирусот. Дилемата дали има уставна можност да ја продолжи вонредната состојба бидејќи Уставот предвидува Собранието а да ја потврди оваа одлука Пендаровски вели дека и покрај ваквата празнина нема да се двоуми.
„Јасно е дека уставотворецот нема предвидено ваква ситуација. Собранието да не работи и да не може да ја потврди мојата прва одлука за вонредна ситуација. Во ситуација кога пратениците земаат плата и кога ниту еден од нив нема побарано апанажа која следува по завршување на мандатот што значи дека тие се уште се со валиден мандат, а Собранието сепак не работи, јас ја преземам одговорноста со носењето ваква одлука само затоа што имаме ситуација без преседан“, посочи Стево Пендаровски.
Далеку поважно е да се зачуваат животот и здравјето на луѓето отколку да се криеме зад правни толкувања, истакна Пендаровски. Рече дека основата ја гледа во тоа што Владата има доставено нов предлог и затоа решението нема да се однесува на продолжување, туку на нова одлука за уште 30 дена вонредна состојба.
„Со над 80 часови практично целосна забрана за движење на целата територија, како што се предвидува за празникот ние во моментов спаѓаме во групата на земји со најригидни мерки во оваа смисла во Европа. Не само мене, верувам дека и на огромниот број граѓани им е совршено јасно која е логиката и која е оправданоста за воведувањето на оваа мерка“, додава Пендаровски.
Седницата на Советот за безбедност се одржа без присуство на техничкиот премиер Оливер Спасовски, министерот за здравство Венко Филипче и вицепремиерот Бујар Османи. Како што е познато тие веќе се во изолација откако вчера беа во Куманово на состанок со градоначалникот Максим Димитриевски, кој денеска го доби резултатот дека е позитивен на Ковид 19.
