Седум лица од Куманово, Штип, Тетово и Кичево по пријава за покачена температура, се тестирани на коронавирус. Резултатите се негативни. Министерот Филипче извести дека лицата кои беа тестирани допатувале од Швајцарија, Германија и Австрија. Исто така извести дека по доаѓањето истите почувствувале покачена температура и се пријавиле за тестирање. Меѓу се две бремени жени од Дебар.
Состојбата на другите пациенти кај кои веќе е потврден коронавирус и се хоспитализирани е стабилна, освен на еден од пациентите кој е ставен на апарати за дишење. Филипче информираше дека и Детската клиника во Козле ќе се подготви за прием на деца евентуално инфицирани со коронавирус.
Од денеска, министерот информираше дека е мобилизиран целиот медицински персонал како и тие кои работат во приватните болници кои ќе бидат на располагање за помош на нивните колеги од државните болници. Министерот Филипче апелираше граѓаните да останат дома и движењето да биде минимално само за основните потреби и да ги почитуваат мерките и препораките усвоени од Владата.