Потпишани договорите со општините за 828 проекти вредни 225 милиони евра од вториот повик кои се финансираат со 250-те милиони евра од Унгарскиот кредит. Ќе се градат улици, патишта, мостови, градинки, училишта, спортски сали, водоводи, канализации. Премиерот Мицкоски уверува ќе се гради се што ќе го олесни животот на граѓаните. Рече заедно со проектите од првиот повик имаме градежна офанзива или 1.200 градилишта во земјава.
-Ова е најголемата инвестициска офанзива за општините некогаш направена. Не само по бројките туку и по одлучноста и правичноста. Се гради во цела држава во сите општини што аплицираа и има подготвена документација, без партиски филтри, без фаворизирање. Онаму каде што има проект, таму има и поддршка, изјави Христијан Мицкоски, претседател на Влада.
Денеска се стави потпис на договорите од вториот повик, но слабо оди реализацијата на 288 проекти од првиот повик. Целосно се завршени 113 проекти. Исплатени се само 13 милиони евра од планираните 100 милиони евра. Министерот Перински вели реализирани се 40 проценти од проектите, но финансиската реализација е 20%.
-Процентот на реализација, на финансиска реализација изнесува некаде околу дваесетина проценти, но тоа е така заради тоа што се уште се во тек оние големи и погабаритни проекти кои што практично го сочинуваат и најголемиот квантум од средствата кои што се ставени на располагање при првиот јавен повик. Така што јас до крајот на годната очекувам дека ќе имаме многу, многу зголемена финансиска реализација од овие средства. Нешто повеќе од 800 милиони денари, изјави министерот за локална самоуправа, Златко Перински.
Инаку со вториот повик најмногу проекти 65 добила општина Битола, а 5 општини добиле по 1 проект.
Дека реализацијата на капиталните проекти оди слабо покажуваат и податоците на Министерството за финансии. За половна година реализирани се само 26 проценти од парите наменети за капитални инвестиции. Или потрошени се само 200 милиони од планираните над 770 милиони евра за капитални проекти за годинава.
