Димитриеска-Кочоска: Големите даночни обврзници учествуваат со над 40% во даночните приходи

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Над 40 отсто од остварените даночни приходи во државата доаѓаат од големите даночни обврзници, истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на одбележувањето на 20-годишнината од основањето на Дирекцијата за големи даночни обврзници во рамки на Управата за јавни приходи.

Според министерката, формирањето на Дирекцијата пред две децении претставувало значајна реформа во даночната администрација, со која бил воспоставен специјализиран пристап кон најголемите компании во земјата.

Димитриеска-Кочоска посочи дека ваквиот пристап овозможува директна и континуирана комуникација со компаниите, подобро разбирање на нивното работење и поефикасно управување со даночните обврски.

„Компаниите кои ги опфаќа се меѓу најзначајните носители на економската активност во земјата, компании кои инвестираат, вработуваат, создаваат додадена вредност и имаат значајно учество во полнењето на Буџетот“, истакна министерката.

Таа нагласи дека работата на Дирекцијата има значење не само за Управата за јавни приходи, туку и за целокупната економија. Покрај ефикасната и навремена наплата на јавните приходи и доследната примена на даночните правила, според неа, важно е компаниите да имаат професионален однос, јасна комуникација и предвидливо деловно опкружување.

„Стабилен и предвидлив даночен систем е важен предуслов за компаниите при носењето долгорочни одлуки за инвестиции, нови вработувања, проширување на производството и развој на нивното работење“, рече Димитриеска-Кочоска.

Во рамки на одбележувањето на јубилејот било посочено дека промените во деловното опкружување и забрзаниот технолошки развој бараат и даночната администрација постојано да ги унапредува своите услуги.

Како еден од значајните чекори во таа насока министерката го посочи проектот „Е-фактура“, кој започна да се спроведува во Управата за јавни приходи. Според неа, дигитализацијата треба да придонесе за поедноставување и забрзување на процесите, намалување на административниот товар и поголема сигурност и следливост во работењето.

Димитриеска-Кочоска се осврна и на средствата обезбедени од унгарската Експорт-импорт банка, кои се пласираат во македонската економија под поволни услови. Според неа, овие средства ги охрабриле компаниите да влезат во инвестициски циклус вреден близу 300 милиони евра.

Министерството за финансии, како што посочи министерката, продолжува и со унапредување на даночната регулатива и нејзино усогласување со меѓународните и европските даночни стандарди.

Како пример го наведе усвојувањето на Законот за минимален глобален данок на добивка, како и работата на измени и дополнувања на Законот за даночна постапка со кои се предвидува воведување жалбена постапка како правен лек против секој управен акт.

Министерката нагласи дека модернизацијата на даночниот систем не треба да значи зголемување на даночниот товар.

„Остануваме на концептот на рамен данок, кој обезбедува предвидливост за компаниите и создава стабилна основа за планирање на инвестициите и развојот. Остануваме посветени на градењето институции кои ќе бидат во функција на граѓаните и бизнисот“, порача Димитриеска-Кочоска.