Нови датуми или враќање на парите – агенциите ги откажуваат патувањата во Италија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Враќање на парите или нов датум за патување. Дел од туристичките агенции почнаа да ги откажуваат планираните патувања во Италија. ТВ21 контактираш некои од нив, но не сакаат да зборуваат пред камерите. Сепак, преку нивните социјални мрежи ги известија сите кои што веќе уплатиле одредени аранжмани кај нив дека патувањата се откажуваат и дека парите ќе им бидат вратени.  Контактирани од ТВ21 некои не сакаа да зборуваат пред камера а пак некои се изјаснија преку фејсбук профил.

„Големиот број на патници кои имаа уплатено за овие дестинации можат да ги добијат во целост сите уплатени средства или пак да се префрлат на некое друго патување за друг термин“, велат од Фалкон Травел.

„Поради загриженост и општа безбедност одлучивме да ги откажеме патувањата за 8-ми Март во Италија. Безбедноста и здравјето на нашите патници и сограѓани ни е на прво место! Воедно сакаме да ве информираме дека сите кои имаат уплатено аранжман за 8-ми Март во Италија може да се префрлат на некоја од останатите тури или во спротивно средствата во целост ќе бидат вратени“, истакнуваат од Нехар Травел.

„Доколку е потребно ќе бидат променети програмите за претстојните патување ( Велигден и студентски екскурзии).Секако не се исклучува и можноста да Ви бидат рефундирани паричните средства кои сте ги уплатиле”, додаваат од Балкан Фан Македонија.

За ТВ21 од Државен пазарен инспекторат и од МВР велат дека досега ниту еден граѓанин не се пожалил на одредена туристичка агенција дека поради откажувањата на аранжманите не сака да ги врати средствата.  Од друга страна, Владата ги советува граѓаните да не патуваат во Италија и во другите земји каде што е е регистрирано поголемо присуство на корона вирусот. Со владина одлука откажани се патувањата на учениците од средните училишта.

“Владата донесе одлука да ги задолжи сите основни и средни  училишта, како и сите универзитети да ги одложат сите предвидени патувања и екскурзии во  Италија, како и да  организира едукативни часови за превенција од корона вирусот, во соработка со локалната самоуправа и центрите за јавно здравје.”, велат од Владата на РСМ.

По донесување на одлуките на Владата, министерот Филипче соопшти дека откажување има на патувањата организирани од јавните институции и дека тие не можат да им забранат организирани патувања на приватните туристички агенции. Но, апелира, дека е многу опасно во овој период да се организираат такви патувања, па повика и граѓаните сами да се откажат од нив. Македонија воведе и контрола на граничните премини и на аеродормите. Вчера во земјава пристигна авион со патници од Милано, а доцна синоќа Министерството за здравство објави дека едно лице со покачена температура само дошло на Инфективна клиника, но по испитувањата се утврди дека нема коронавирус.