Нови политички партии во Македонија?! – Данела Арсовска, Изет Меџити, Максим Димитриевски…

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во најава нови политички партии. Постои голема веројатност градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, наскоро да формира нов субјект. Арсовска, односно луѓето кои ја советуваат, се убедени дека има голема поддршка од граѓаните, особено кај интелектуалците, граѓанскиот сектор и политички неопределените гласачи. Во текот на денот се обидовме да контактираме со Арсовска, но обидите беа неуспешни.

А, што мисли Орце Ѓорѓиевски за оваа идеја, градоначалник на Кисела Вода, кој последните денови води вербална „битка“ со Арсовска и кој се смета за сериозен кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје. Во летното издание Клик Плус на ТВ21, тој и посака среќа на Арсовска доколку одлучила да формира нов политички субјект, а додаде дека за нејзиниот успех ќе одлучат граѓаните.

Освен Арсовска, нова политичка партија најави и градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.

Од друга страна, Изет Меџити како водач на фракцијата на ДУИ, изјави дека исцрпени се сите можности за внатрепартиска соработка и единственото решение е формирањето на ново политичко движење.

Сепак, ДУИ не стравува. Членот на централното раководство, Крешник Бектеши, во интервју за Гласот на Америка, вели дека нивната партија не се плаши од фракцијата, дури на следните избори ќе бидат втора партија по бројот на освоени гласови.

Од друга страна Огнената група не функционира обединето. За формирање на политичко движење досега е само Изет Меџити со огранокот од Чаир, а против оваа идеја се Блерим Беџети, Муса Џафери и Невзат Бејта. Според овие тројца, битката  треба да ја продолжат како фракција внатре во ДУИ.