Бугарската министерка за надворешни работи Марија Габриел тврди дека Бугарија нема билатерални проблеми со Северна Македонија во однос на интеграцијата во Европската унија. Но, како што додава таа, за европскиот пат на Македонија услов не се само уставните измени туку и договорот за добрососедство и двата протоколи.
„Не се само уставните измени, туку и Договорот за добрососедство и двата протоколи. Имаме три поврзани инструменти кои се дел од компромисот од јули 2022. Ние сме земја-членка во ЕУ и како земја членка со нејзините барања кон Македонија покажуваме дека кога сакате да станете членка на ЕУ мора да ги исполните барањата што сте ги презеле“, вели Марија Габриел.
Но, министерот Османи вели дека на самитот во Брисел на 15 и 16 декември овие два протоколи не стигнале до заклучокот на самитот. Според Османи, важно е Македонија да создаде преговарачка рамка и да ги води разговорите врз основа на таа рамка.
Кога сме кај европскиот пат на Македонија, заедно со Македонија во ист пакет е и Албанија. Албанскиот министер за надворешни работи, Игли Хасани, вели дека во патот кон ЕУ за земјите на регионот нема оправдувања туку треба да се спроведат реформите.
„Сметам дека и Албанија и Северна Македонија направивме одлучна работа во нашиот заеднички пат кон ЕУ. Патот кон ЕУ за Албанија и за сите земји од регионот е без “if-s & but-s”, без „но“ и без “доколку“. Наша задача е да продолжиме да ги продлабочиме реформите кои ги преземавме“, вели Игли Хасани.
Инаку според тоа што истакна премиерот Ковачевски, заклучокот на Европскиот совет вели дека Северна Македонија успешно го заврши скрининг процесот и следната задача е усвојувањето на уставните измени.
