Новиот грузиски претседател положи заклетва, протести пред претседателската палата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Новиот претседател на Грузија, Михаил Кавелашвили, лојален на владејачката партија, положи заклетва на местото на проевропскиот шеф на државата во заминување Саломе Зурабишвили, во новата епизода од двомесечната политичка криза во земјата.

Кавелашвили, поранешен фудбалер познат по своите ултра-конзервативни и антизападни ставови, беше инаугуриран за претседател на Грузија на кратка церемонија во Парламентот.

Неколку минути пред тоа, Зурабишвили им објави на своите поддржувачи собрани пред претседателската палата дека ќе ја напушти палатата, но сепак се смета себеси за „единствен легитимен претседател на земјата“, ветувајќи дека ќе продолжи да се бори против владејачката партија Грузиски сон.

Неколку илјади проевропски демонстранти се собраа во неделата наутро пред претседателската палата на покана на претседателот во заминување. Синоќа во Тбилиси беа и демонстранти на протест против владата пред инаугурацијата на новиот претседател на таа кавкаска земја, чие назначување е оспорено од опозицијата.