Новиот сој на вирусот одзема млади животи – во ковид-центар во Битола почина 19-годишна девојка

НАЈНОВИ ВЕСТИ


Третиот бран и новиот сој на коронавирус одзема млади животи. 19-годишна девојка со даунов синдром која почина во ковид-центар во Битола имала ковид-симптоми, но немала позитивен тест. Починала само неколку часа откако била хоспитализирана. Од Министерството за здравство велат дека веќе една година не се земаат постмортем брисеви. Само за една недела битката со вирусот ја изгубија 279 пациенти меѓу кои и на возраст од 28 и 30 години. Ресорниот министер Венко Филипче, рече дека сите хоспитализирани пациенти се третираат соодветно, како и оние со тешка клиничка слика. Се очекува наредната недела да пристигнат 1.500 дози терапија за лекување на коронавирус.

Во меѓувреме имунизацијата во земјава се одвива бавно. Македонија е на рангот на Јужна Африка и Уганда според процентот на вакцинирани луѓе. Вакцинирани се над 15 илјади граѓани со што се рангира во земји каде процесот на вакцинација е слаб и бавен. Премиерот Заев најавува дека до крајот на април ќе пристигнат над 300 илјади нови вакцини.

Инаку продолжува вакцинацијата на возрасните лица над 77 години и од загрозена категорија во здравствените домови и во арената Борис Трајковски во Скопје. Околу 140 илјади граѓани изразиле интерес да се вакцинираат.