Новиот закон за трансплантација го менува начинот на одлучување – секој ќе ја изјавува својата волја кај матичниот лекар

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Усвојувањето на измените на Законот за трансплантација на органи отвора ново поглавје. Со новото законско решение, одлуката за донирање органи по смртта повеќе нема да ја носат членовите на семејството, туку секој поединец сам ќе ја донесе за време на животот преку својот матичен лекар. Одлука која, според министерот, ќе може да се промени во секое време.

„При посетата кај матичниот лекар, секој полнолетен граѓанин ќе може јасно да се изјасни дали се согласува или не се согласува по неговата смрт да биде донатор на органи и ткива за медицински цели. Пред да ја даде оваа изјава, матичниот лекар ќе има обврска да го информира граѓанинот за значењето на одлуката, нејзините правни последици и за неговото право таа да биде изменета во секое време. Изјавата ќе се потпишува лично, ќе биде заверена од матичниот лекар, а потоа ќе биде архивирана во системот.“, вели Азир Алиу.

Професорката д-р Билјана Кузмановска потсети дека работат на усогласување на системот со светските здравствени стандарди во областа на донирањето органи.

„Сега ги поставуваме темелите на нешто што ќе биде важно за иднината на целото население. Денес има 20 пациенти на листата на чекање, утре може да бидат 30, можеби и јас ќе се најдам на таа листа, можеби вие или некој друг. Затоа сега создаваме темели за во иднина да биде полесно и за пациентите, и за донаторите на органи, и за нивните семејства. Им олеснуваме на семејствата да не мора да донесуваат одлуки во најтешките моменти, кога членовите на семејството можат да имаат различни ставови.“, вели Билјана Кузмановска

Исто така беше соопштено дека регистарот во кој граѓаните ќе се евидентираат како потенцијални донатори на органи ќе биде безбеден и доверлив, со ограничен пристап само за лекарите што работат на трансплантација и за овластениот медицински персонал кој има пристапен код до системот.