Новите министри Сали и Хоџа на седница околу 18 декември, на истата седница ќе биде и разрешувањето на Орхан Муртезани

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Идната недела претседателот на Собранието Африм Гаши ќе ја закаже седницата за именување на новите министри, откако предлозите од Владата стигнаа вчера попладне во законодавниот дом. Беким Сали кој ќе биде идниот вицепремиер е предложен и за министер за европски прашања, додека Мухамет Хоџа се предлага да раководи со Министерството за животна средина. На истата седница претходно ќе се случи и разрешување на министерот за европски прашања Орхан Муртезани. Неофицијално се тврди дека тој потоа заминува на амбасадорска позиција во Брисел, но премиерот Мицкоски тврди дека за тоа се уште не е разговарано.

Следната недела е таа кога ќе треба да ја закажам седницата за именување и разрешување на министрите во Владата. Можев и денеска да ја закажам но релативно е колку ќе трае седницата за Буџетот која е закажана за 9 декември и затоа не е благодарно од денеска да ја закажам, но она што можам да кажам е дека таа ќе биде закажана во некој ден од 15 до18 декември, вели претседателот на Собранието, Африм Гаши.

Во однос на прегрупирањата меѓу пратениците на Европскиот фронт во кој последно беше изјаснувањето на Илир Демири од Алијанса за Албанците дека ќе делува независно беше протолкувано како доближување на власта до потребното Бадентерово мнозинство. Сепак Гаши смета дека тоа и не е многу поврзано со двојното гласање во Собранието и дека тоа исклучиво зависи дали претходно ќе може да се постигне договор за одредени прашања.

Не знаеме како сето тоа ќе се одрази на Бадентеровото мнозинство. Но јас знам дека за оваа една и пол година сме имале случаи на усвојување на закони и со голем и со мал Бадентер, така што ќе видиме како ќе биде. Пратениците на Алијанса за Албанците доставија до мене известување дека ќе дејствуваат надвор од Европскиот фронт, додека Илир Демири наведе дека тој е од Алијанса за Албанците, но дека ќе делува независно, вели претседателот на Собранието, Африм Гаши.

Власта има 14 немнозински пратеници и за Бадентерово мнозинство потребни и се уште 6, но ако може да смета на Мендух Тачи, Бејџан Илјаз, Сали Мурати и Илир Демири ќе бидат потребни уште двајца пратеници за потребната бројка од 20 пратеници од немнозинските заедници. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека не очекува пратениците преку Бадентер да ги блокираат реформските закони.

Тоа често пати го поврзуваат со таканаречените реформски закони. Јас не очекувам ниту еден пратеник кога ќе дојде таков реформски закон на дневен ред кој што е поздравен од самата Канцеларија на Европската унија да гласа против или воопшто да не гласа. Така што јас не би ги поврзувал Бадентеровото мнозинство со условно кажано реформската агенда, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Закони кои што треба да се донесат со Бадентер се оние од реформите во судството, потоа нов Кривичен Законик, Изборен законик, се уште чекаат измените на Законот за локална самоуправа токму поради немање двојно мнозинство како новиот Закон за реорганизација на државната управа.