Мицкоски: Вештачката интелигенција е технологија на сегашноста, Македонија треба да биде активен учесник

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Вештачката интелигенција веќе не е технологија на иднината, туку технологија на сегашноста, порача премиерот Христијан Мицкоски на „Startup Revolution AI Summit“ во Скопје.

Според него, прашањето повеќе не е дали вештачката интелигенција ќе ги промени економијата и општеството, туку каква улога ќе има Македонија во таа промена.

Мицкоски истакна дека земјата не треба да биде само набљудувач на новата технолошка револуција, туку активен учесник.

Тој упати порака и до претприемачите и сопствениците на компании да не дозволат големината на домашниот пазар да ги ограничува нивните амбиции.

Според премиерот, во економијата заснована на знаење сè поголемо значење имаат талентот, образованието, брзината, креативноста и способноста една идеја да се претвори во производ, а помало значење имаат географијата и големината на пазарот.

Мицкоски порача дека целта треба да биде идеите, производите и компаниите создадени во Македонија да се развиваат и да се натпреваруваат на европскиот и светскиот пазар.

„Градете ја Македонија, но размислувајте глобално и никогаш не дозволувајте стравот од неуспех да биде посилен од желбата да создадете нешто ново“, порача Мицкоски.