Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска пристигна во Владата на Северна Македонија, каде со највисоки државни почести беше пречекана од премиерот Христијан Мицкоски.
Посетата е дел од нејзината турнеја низ земјите од Западен Балкан.
По официјалната церемонија, Мицкоски и Фон дер Лајен ќе одржат тет-а-тет средба, по што е предвидена и заедничка прес-конференција.
Претходно, претседателката на Европската комисија пристигна на скопскиот аеродром, каде беше пречекана од министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
Муцунски оцени дека посетата претставува потврда за европската ориентација на земјата, посветеноста на Владата на реформите и определбата за напредок во процесот на европска интеграција.
Мицкоски, во пресрет на посетата, повтори дека Владата е подготвена за разговор и за изнаоѓање решение за прашањата поврзани со евроинтегративниот процес. Тој ги отфрли обвинувањата од опозицијата дека Владата го кочи патот кон ЕУ поради неприфаќањето на уставните измени.
„Нашиот став е јасен, нашите аргументи се јасни. Ние сме подготвени да разговараме, да дебатираме и на крајот од денот да најдеме решение“, изјави Мицкоски.
Фон дер Лајен денеска ќе се сретне и со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во Вила Водно. На средбите се очекува да се разговара за европската перспектива на земјата и регионот, процесот на пристапување кон ЕУ, како и за прашањето со Бугарија и можностите за негово надминување.
Посетата на Северна Македонија е дел од турнејата на Фон дер Лајен низ Западен Балкан. Таа претходно ги посети Албанија, Црна Гора и Косово.
Во актуелната турнеја не се вклучени Србија и Босна и Херцеговина. Според портпаролката на Европската комисија, Аријана Подеста, двете земји се изоставени поради претстојните избори.
