Адвокатот Петре Шилегов побара судот да ја прекине постапката за пожарот во Кочани бидејќи како што истакна нарушена е рамноправноста на обвинетите на оние од Јавното обвинителство и на полицајците обвинети од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Тој обвини дека со ова постојат двојни аршини притоа правејќи паралела и со куќниот притвор на Артан Груби.
Тој во судницата рече дека ова заедно со за нас непознатата методологија на носење обвинителски проценки некои да се во притвор а некои од бегство да не се притвораат сериозно ја загрозува рамноправноста на обвинетите.
„Немаме ние две категории на граѓани, за жал од она што Јавното обвинителство го прави во последно време вклучително и за случајот за кој што вие ме прашувате, очигледно дека има различни аршини при определување или барање до судот за определување на мерки за обезбедување на луѓе, како што е и во конкретниов случај. Не можете за едни да имате едно правно мислење за истиот кривично-правен настан за други да имате сосема поинакво правно мислење. Оваа лакрдија која што се случува во судницата во конкретниот предмет, Јавното обвинителство е должно да ја прекине“, порача Петре Шилегов.
По ова реагираа од Јавното обвинителство од каде велат дека тие не можат да се изјаснат по ваквиот предлог, а воедно и судот го отфрли барањето. Реагираа и родителите кои бараат судскиот процес да ја добие својата динамика.
„Ние не сме тука за одмазда, ние сме тука за одговорност. Бараме судот да ја утврди вистината до крај. Ова не е политичко прашање, ова е прашање за безбедноста. Денес бараме правда за нашите деца, утре ова може да биде прашање на безбедност за секое дете во оваа држава“, вели Александар Наунов.
На денешното рочиште прв сведок беше придружниот вокал на групата ДНК Ана Костадиновска. Таа рече дека не знаела кој ја инсталирал пиротехниката, дека откако го забележала пожарот се обидела да излезе од вратата која се наоѓала покрај бината која била заклучена со катанец. Во тој момент се упатила кон главниот излез по што настанало стампедо, имало чад кој терал на спиење. Таа паднала во близина на излезот и со други лица останале заглавени покрај вратата. Инаку, во судницата адвокатката на сопственикот на Пулс Дејан Јованов побарала тој да се премести и притворот да го издржува во затворот Идризово, поради, како што рече нечовечкиот и понижувачки однос на затворскиот персонал во затворот во Куманово.
